East Gate Creators - Десанка Перлаш | Skopje East Gate
19.03.2021 - 15:14

East Gate Creators – Десанка Перлаш

Разговараме со Арх. Инг. Десанка Перлаш - главен консултант и лидер на градежниот тим на Скопје Ист Гејт

Oва е мое прво интервју. Никогаш не сум сакала да се експонирам во јавноста, никогаш не сум зборувала за себе ниту за својата кариера.

Зошто сега се сложувам за интервју? Затоа што Ист Гејт е најголемиот и најимпозантен проект на кој имам можност да работам. Ист Гејт е голем предизвик каде многу инжењери би сакале да се видат себеси во неговата реализација, и секако голема благодарност до сопствениците кои ми ја доверуваат оваа одговорност и кои ми ја дадоа оваа можност. Со оглед на долгиот период од 10 години на реализација на целиот комплекс, можам да кажам дека Скопје Ист Гејт е моја кариерна завршница.

ЈАС СУМ во срце оперативец. Го сакам адреналинот кој го носи оперативната работа. Не се доживував никогаш во проектирање, затоа што сакам потешка и попредизвикувачка работа. Посложено е да бидеш оперативец. Сум работела на десетици позиции, од супервизор сѐ до директор во професионалното изведување, но ако треба да се родам повторно, ќе бидам потворно оперативец и повторно изведувач.

МОЕТО ИСКУСТВО започна откако дипломирав на архитектонскиот факултет во Скопје далечната 1976 година, а почнав да работам во 1979 година во градежното претпријатие Бетон, кој ми го довери првиот предизвик изградба на две амбуланти ,,Тоде Мендол” и ,,Перо Чичо” во Куманово. Во Бетон работев 20 години првенствено на високоградба. Во Бетон имаше тим од искусни  инженери од старата школа од кои многу научив посебно за градењето на објекти во високоградба. Бевме присутни и надвор од Македонија со проекти од Скопје до Белград. Во Белград работев на проекти на станбени комплекси во Мирјево и Нов Белград.

Мојот втор предизвик беше нискоградбата преку проектите кои ги работев во ГП Гранит. Со задоволство работев на регионални и автопатски делници, надворешни атмосферски и фекални мрежи, пречистителни станици ширум Македонија. Посебен предизвик ми беше  проектот во  Хрватска односно Ријека каде успешно завршивме три вијадукти: Велики, Мали Свиб и Мелник пред самиот влез во Риека-Гробник на автопатот Загреб–Риека. Во Москва се калев на внатрешни уредувања и завршни работи, каде работев една година.

Од 2010 година се најдов на повеќе проекти во повеќе градови во Косово каде работев на  резервоари за вода, атмосферска, фекална канализација, пречистителни станици.

Последните десетина години повторно работам во високоградба на проектите станбени објекти како Сити Тауер, Прокредит банка, Вип/А1 и од 2019 сум активна на овој проект.

МОЈА ИНСПИРАЦИЈА се луѓе со визија, врвни професионалци, луѓе што ќе воодушеват со знаење и искуство. Такви личности сретнав во ГП Бетон, кои ми дадоа пример како треба да изгледа еден инжењер.

МОЈОТ ПРИДОНЕС ВО Ист Гејт Мол е да советувам и да ја следам изведбата на објектот во соработка со нашиот тим од 10-тина инженери, заедно со тимот на надзорните инженери од ГИМ и секако огромниот тим на изведувачи со цел успешно да ја завршиме изградбата на најголемиот трговски центар на македонските простори – Ист Гејт Мол.

Молот е најмаркантниот објект од повеќенаменскиот комплекс Ист Гејт  чии содржини се простираат на површина од 160.000 м2. Сето мое искуство го внесувам во овој проект, преточам на помладите генерации.

ОВОЈ ГРАДЕЖЕН ГИГАНТ Е ПРЕДИЗВИК ЗА ИНЖЕЊЕРИТЕ затоа што објектот се состои од осумнаесет целини поставени на темелни плочи разместени во три реда, а раздвоени со дилатации во двата правци. Објектите во трговскиот центар се хоризонтално поставени на површина од 200м х 180м или 36.000м2 кое бара посебен пристап кон изработката на конструкцијата и посебна методологија на изградба. Тоа е енормен предизвик да се изведе армирачко бетонската конструкција и тоа во период од 1 год и 2 месеци, и една огромна организација. Подвлекувам – навистина голема организација. Секако работата не е завршена со конструкцијата, следат уште многу други позиции вклучително и инсталациони фази, како и фасади , ентериер за конечно завршување на трговскиот центар. За да се функционира како треба потребна е пред се добро разработена динамика која треба да се следи, секојдневна координација со сите тимови и учесници во градбата. На секојдневните работни состаноци се разработува динамички план, ако закочило нешто треба да се реши и да се процесира натаму, ако треба да се направи промена да се работи со проектантите. Сево ова бара концентрација, енергија, следење и предвидување, бара информации. Бара да се симулираат сценарија. Секојдевно има потреба нешто да се усогласува. Секој во Тимот си ја знае својата работа.

КООРДИНИРАМ многу процеси и сум во постојана комуникација со триесетина луѓе. Сите термински планови ги знам наизуст. Јас и тимот сме во постојана соработка со надзорот од ГИМ, со оперативата, армирачите, кошуљичарите, машинците, електроинженерите, водоводџиите и целиот МЕП. Живееме во интензивна координација и планираме за најмалку една недела.

Сѐ треба да биде естетски издржано, навремено и изведено по сите стандарди кои се бараат во градежништвото – и ова е можно со исклучително искоординирана работа, инаку би се правеле многу грешки. Секојдевно има потреба нешто да се усогласува. Секој во Тимот си ја знае својата работа.

ОПЕРАТИВА значи да го почуствуваш како објектот ти тече во вени, да си страстен кон твојата работа, да најдеш решение, да си брз и ефикасен. Значи присутност. За еден објект да се реализира, треба да бидеш со него, да бидеш таму, да гледаш како расте, да го гледаш како се реализира, да го преточиш планот во реалност, да направиш организација. Без оглед на мал или голем проект, оперативата е иста. Можеш да наидеш на големи проблеми и кај најмалите изведби, кои мораш да ги  решиш. Треба да си многу напред за да предвидиш, оти во градежништвото сме во постојана трка со времето.

НАЈВАЖНО ВО ОПЕРАТИВАТА е тимот со кој работам. Мојот тимот е клучен. Неможеш ништо сам. Мојата работа е да се води, но не да се импонира. Мојата ролја е да давам правец, да ги поставам вистинските прашања, да ги ослободам помладите инженери да зборуваат. Треба да ги соберете и да ги почитувате сите мислења. Оперативните состаноци постојат за да се разговара, да се земат сите инжењерски мислења во предвид и да се направи добра организација. Така се работи на објект.

ЗА ДА СТАНЕШ ЛИДЕР треба да имаш и физичка и ментална подготвеност и капацитет. Да сакаш да работиш со најтешките елементи, да ги ставиш рацете во калта, да ја опфатиш целата работа па потоа да делегираш, но не да лидеруваш. Во мојот дел не значи дека само треба да бидеш проектант, туку да знаеш да изведуваш. Најстратешката работа е да направиш добар динамички план, а тоа се стекнува со години, со предизвици, проекти и луѓе на кои им веруваш.  БАЛАНС ПОМЕЃУ РАБОТАТА И ПРИВАТНИОТ ЖИВОТ се постига само кога ќе одбереш да ставиш фокус на она што е приоритет. Ангажманот во оперативната работа бара да си постојано со објектот, но и покрај тоа јас не престанав да бидам посветен родител и мајка на две прекрасни ќерки кои израснаа во прекрасни личности и го наследија мојот однос кон работата.

Јавете ни се:

+389 (2) 5514 283