АСУРА СТАНУВА ОФИЦИЈАЛЕН ПАРТНЕР ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ИСТ ГЕЈТ МОЛ | Skopje East Gate
22.07.2021 - 17:02

АСУРА СТАНУВА ОФИЦИЈАЛЕН ПАРТНЕР ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ИСТ ГЕЈТ МОЛ

Денес, компанијата „АСУРА Менаџмент на објекти д.о.о.е.л. Скопје“ - член на групацијата АСУРА, потпиша договор за управување и одржување на ИСТ ГЕЈТ МОЛ“.

Игор Давков, извршен директор на Ист Гејт Мол и Стефан Ханџиски, извршен директор на АСУРА Македонија, потпишаа повеќегодишен договор за деловна соработка, според кој АСУРА ќе обезбеди услуги за интегрирано управување и одржување на трговскиот центар Ист Гејт Мол. Договорот вклучува услуги за управување со технички капацитети: планирање, грижа и одржување на технички системи, управување со инфраструктурни објекти (чистење, одржување на хигиена и физичко обезбедување). Овој договор ќе создаде повеќе од 160 нови работни места за професионален кадар кој ќе се грижи за техничката исправност, хигиена и физичкото обезбедување на центарот Ист Гејт Мол.

По повод потпишувањето на договорот, Игор Давков го изјави следново: „Среќни сме што ја избравме АСУРА за наш технички партнер и што започнуваме соработка во трговскиот центар Ист Гејт Moл, кој со својата бруто изградена површина од 160.000м2 преставува најголем центар во нашиот регион. Сигурен сум дека долгогодишното искуство на АСУРА во управување со објекти ќе биде добро искористено во нашиот објект. Подготовките за отворањето на центарот се во полн ек, и ја поканувам јавноста да се видиме на свеченото отворање во средината на октомври. Подготвуваме изобилство настани што ќе го направат престојот во центарот пријатен и возбудлив за сите“.

Стефан Ханџиски исто така го изрази своето задоволство, изјавувајќи: „Три години подготовка и договор нѐ доведоа до овој момент. Благодарен сум на г-дин Давков и на целиот тим на Ист Гејт Мол што ни ја доверија задачата во управувањето и грижата за овој модерен објект од ваква димензија. За овој комплексен проект, АСУРА формираше одличен тим на професионалци со долгогодишно меѓународно искуство“.

Андреј Мандиќ, извршен директор на Групацијата АСУРА по повод потпишувањето на договорот изјави: „Горд сум на нашиот претставник на Асура во Македонија, Стефан Ханџиски и неговиот тим кој работи успешно на македонскиот пазар скоро 12 години, а секако и на тимот на Асура во Хрватска кој пружи беспрекорна поддршка и експертиза, во делот на човечки ресурси, маркетинг и технологија, во овие пандемиски услови. АСУРА Групацијата порасна за скоро сто проценти за време на пандемијата. Имаме намера да ги продолжиме нашите планови за проширување во региони каде што сакаме да бидеме присутни со највисок квалитет на независен давател на услуги за управување преку ,,клуч-на-рака”, што значи: луѓе, лидерство и исплатливост“.

Проектот Скопје Ист Гејт е еден од најголемите проекти за развој на недвижности во Југоисточна Европа. Покрај трговскиот центар Ист Гејт Мол, со вкупна површина за изнајмување од 57.000м2, инвеститорите развиваат деловен парк од бруто површина од 50.000м2 и резиденции со бруто површина од 201.000m2, односно 1.600 станови на истата локација. Целиот проект ќе биде опкружен со 25.000 м2 метри зеленило. Ист Гејт Мол ќе биде отворен за посетителите од средината на октомври 2021 година.

Јавете ни се:

+389 (2) 5514 283